Претходна статија
Нови велосипедски патеки долж булеварот „Св. Климент Охридски“
Следна статија
Со регионална депонија ќе се решава проблемот со отпадот во Куманово

Пазарот на недвижности доживеал стрмоглав пад во вториот квартал од 2017 година

Објавено на 11.07.2017 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

Политичките турбуленции во изминатиов период доведоа до стрмоглаво намалување на трансакциите со недвижности во земјава. Агенцијата за катастар на недвижности во вториот квартал од 2017 година регистрирала 2.917 трансакции, што претставува намалување од дури 51,4% во споредба со идентичниот период од 2016 година. Сепак, податоците покажуваат дека состојбата е подобра од периодот јануари-март 2017 година, кога биле забележани само 2.590 трансакции. Состојбата со непродадени станови се движи во негативен правец, поаѓајќи од фактот дека се регистрирани 13.363 станови кои се нудат на пазарот на недвижности.

 

 

Во споредба со почетокот на годинава, забележано е зголемување на бројката на непродадени станови за 633 стана и раст на бројката на непродадени станови во градба, чија бројка е зголемена за 1.196 станови. Од она што се продало како недвижност, во вториот квартал од 2017 година се регистрирани приходи од 3,9 милијарди денари. Највисока цена на метар квадратен станбен простор на ниво на целата земја е регистриран во општина Центар – 61.255 денари. Во општина Карпош цените на становите се намалиле на 54.671 денари за метар квадратен, додека во општина Аеродром тие изнесувале 50.132 денари за метар квадратен. Наспроти нив, во општина Куманово е регистрирана најниска цена на становите што се нудат на продажба – за еден метар квадратен треба да се платат околу 29.000 денари.

 

Од Катастарот посочуваат дека во Регистарот на цени и закупнини се забележува раст од 0,11% на бројот на станови што се наоѓаат под хипотека. На ниво на целата земја, само 10,2% од становите се наоѓаат под хипотеки. „Доколку условите на пазарот на недвижности останат исти подолг временски период, Агенцијата за катастар на недвижности во наредниот период очекува благ пад и стабилизација на цените на недвижностите во одредени општини, пред се поради зголемената градежна активност и значително намалената побарувачка на станови“ се посочува во изготвениот Извештај за вториот квартал од 2017 година.

 

 

 

Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.com.mk