Огромен пад во продажбата на нови станови, куќи и деловен простор во првите три месеци од 2017 година. Агенцијата за катастар на недвижности денеска излезе со негативни резултати за првиот квартал од годинава. Вкупната бројка на извршени трансакции е заокружена на 2.590, што е најмала забележана бројка од воспоставувањето на Регистарот на цени и закупнини. Изразено во проценти, бројката на реализирани трансакции на пазарот на недвижности е помала за дури 51,4% во однос на идентичниот период лани.
„Најмногу трансакции се регистрирани во март кога во Регистарот се впишани 1.040 трансакции, додека најмал број трансакции се регистрирани во јануари, и тоа само 613 што претставува најмал број трансакции регистрирани за еден месец од воспоставувањето на Регистарот на цени и закупнини во 2015 година“ истакна Славче Трпески, директор на Агенцијата за катастар на недвижности на денешната прес-конференција. Од вкупната бројка на трансакции, 79% се однесува на продажба на недвижности.
Во изминативе три месеци биле продадени 51 новоградба, што претставува намалување за 311 продажби во однос на првиот квартал од 2016 година. На домашниот пазар на недвижности се нудат 3.030 непродадени новоизградени станови, додека во тек на градба се наоѓаат дополнителни 8.777 станови. Од Катастарот напоменуваат дека расте бројката на непродадени станови што се веќе изградени, но и квантумот на оние што во моментов се изведуваат. Мал пад на цената на становите е регистриран во општина Центар, додека во Аеродром и Карпош е забележан благ раст на вредноста на становите.
Од продажбата на недвижности во првиот квартал од годинава се инкасирани околу 2,5 милијарда денари. Во делот на закупите, регистрирани се 455 трансакции од кои била реализирана месечна закупнина од околу 2,4 милиони денари. Агенцијата за катастар на недвижности регистрирала зголемување од 0,2% кај бројот на станови што се наоѓаат под хипотека, па така на ниво на Република Македонија, 10,09% од вкупниот број на станови се наоѓаат под хипотека.