Тројца експерти на УНЕСКО се во посета на Охрид во функција на извршување на мониторинг – мисија на идните проекти што е предвидено да се градат во овој регион. Од организацијата за заштита на природното и културното наследство вршат увид на терен за да утврдат во кој степен се почитуваат препораките на УНЕСКО за обемот на градежните зафати и нивното влијание врз животната средина и културното наследство. Експертите паралелно вршат надзор на терен, но и состаноци со релевантните институции што раководат со Охрид, Националниот парк „Галичица“ и со Охридското езеро.
Еден од претставниците на мисијата изјави дека УНЕСКО досега не ја разгледувал можноста Охрид да биде избришан од листата на светски заштитени природни и културни богатства. „Нашата посета е рутинска за да ја провериме состојбата на објектите врз кои се врши конзервацијата, а се дел од културното наследство на сите компоненти и за тоа да го известиме комитетот на УНЕСКО. Остваривме средба со цел да го видиме прогресот и напорите на локалните и националните власти во заштитата на културното наследство и спроведувањето на забелешките на УНЕСКО изнесени во минатогодишната 40-та седница на организацијата одржана во Истанбул“ изјави Ања Сидоренко во својство на претставник на мисијата.
Од УНЕСКО се особено заинтересирани околу изградбата на новиот експресен пат од Охрид до Пештани, скијачкиот центар на Галичица, туристичко-развојните зони „Љубаниште“, „Отешево“ и „Стење“. Сите овие проекти веќе се најавија од досегашната извршна власт за реализација, на што тие наидоа на жесток отпор од еколошките организации и од опозициските партии.