Министерството за образование и наука ќе ги обнови објектите на три училишта во Струга, Велес и струмичкото село Муртино. Со буџет од околу 12,5 милиони денари е предвидено да се реновираат просториите на средното училиште „Ибрахим Темо“ во Струга, како и основните училишта „Маршал Тито“ во Муртино и „Св. Кирил и Методиј“ во Велес. За изведувачи се избрани фирмите „Промонтинг“ од Скопје и „ВИА“ од Вевчани.
Градежните работи треба да се реализираат во текот на претстојнава пролет. Времетраењето на потпишаните договори е три месеци. Тендерската постапка за избор на изведувач за реконструкцијата на овие три училишта започна кон крајот на 2016 година. Надлежното министерство пред само еден ден распиша дополнителен оглас за санација на различни простории во 10 државни училишта лоцирани на целата територија на Македонија.