Купувачите на нови станови нема да можат да извадат имотен лист доколку не им е пренесено правото на заедничка сопственост на земјиштето под и околу зградата. Со оваа мерка Катастарот ќе се бори против праксата на инвеститорите кои градат колективни станбени згради, да прават поделба на земјиштето под зградата и земјиштето за паркинг во две различни катастарски парцели, а потоа на купувачите на станови да им продаваат паркинг места кои секако морале да ги изградат како обврска која произлегува од одобрението за градба.
За оваа цел во владина процедура се измени на Законот за градежно земјиште, со кои физичките и правните лица сопственици на станови или деловни простории во етажна сопственост, востановуваат права и обврски на заедничка сопственот на градежното земјиште. Со измените ќе се спречи сè почестата појава одредени инвеститори да го одвојуваат земјиштето за паркинг. По ваквото одвојување, се случува на сопствениците на станови да им се забранува паркирање на возилата на паркинзите во рамки на градежната парцела на зградата, да се бара од нив да ги купат паркинг местата или да плаќаат закупнина за нив.
„Многу е непријатно кога сте купиле стан и до вчера сте паркирале на паркиногот, а од другиот ден сопственикот на земјиштето на тој паркинг ви кажува дека треба да платите закупнина или да го купите, иако знаеме дека согласно законот морал да се продаде и дел од земјиштето. Целата работа едноставно се злоупотребува. Затоа се утврдија нови правила на игра и во новиот закон е дефинирано дека при продажба на стан задолжително, што и досега беше кажано, но сега многу на појасен начин, мора да се продаде и дел од парцелата и оти вакви физички делби на колективни станбени згради се забранети“, вели директорот на Агенцијата за катастар на недвижности Славче Трпевски.
Во договорот за купопродажба ќе мора да биде запишано дека на купувачот му се пренесува и дел од земјиштето во заедничка сопственост. Заедничката сопственост на градежното земјиште од страна на повеќе лица вклучува право на заедничко наменско користење на земјиштето кое не може да се дели во рамки на градежна парцела, а се пренесува со правото на сопственост на станот, односно објектот. Законот е облигаторен и доколку не е испочитуван Катастарот нема да го впише имотот.