Архитектите Минас Бакалчев, Саша Тасиќ, Гордан Петров и Александар Петановски се овогодинешните добитници на Големата награда за реализиран архитектонски проект на XVIII Биенале на македонската архитектура. Тие се стекнаа со наградата за тренинг-центарот на ФК „Вардар“ во населбата Хиподром и истата вечерва им беше врачена на свеченото затворање на БИМАС 2016 во Музејот на град Скопје. Мирослав Грчев, претседател на комисијата за доделување на наградата рече дека реализираното дело претставува рационален и воздржан архитектонски израз. „Навистина се важни наградите и мапираат одредено творештво“, посочи архитект Минас Бакалчев во името на добитниците на Големата награда за архитектура на БИМАС 2016.
Специјална награда за реализиран архитектонски објект им беше доделена на авторите Димитар Папастеревски, Езерка Папастеревска и Борка Стрезовска, со соработникот Соња Наковска и консултантот Тони Арангеловски за индивидуален станбен објект во населбата Козле. Второ дело што се стекна со специјална награда за реализиран архитектонски објект е управната зграда на „ПроКредит банка“ во населбата Карпош 3. Архитектите Мартин Пановски, Јана Гугуловска, Душица Диновска и Александар Наумчески, заедно со соработниците Тијана Каевска и Ана Урумовска, се одлучија да не ја подигнат архитектонската награда. Од нивно име се обрати архитект Мартин Пановски. „Од името на „Радиус архитекти“ се заблагодарувам на оваа награда, која според нас, треба да се доделува за дела кои вообичаено се од експериментален карактер. Со оглед на тоа што нашиот изведен проект „ПроКредит банка“ не се вклопува во овој контекст, би сакал да нагласам дека оваа награда како некое утешно признание за нашиот проект не можеме да ја прифатиме“, изјави тој.
Наградата за проект од областа на архитектурата беше доделена на Даниела Хаџиќ за проектот семејна куќа „Фузија“ во населбата Ѓорче Петров. Жири-комисијата одлучи наградата за реализирана внатрешна архитектура-ентериер да ја додели на Андријана Савиќ, со соработниците Даница Спасевска и Иван Белески за Инфо пулт, за исклучително обликување на мал агол од еден огромен ентериер. На овогодинешното издание на БИМАС не се доделија наградите за реализиран индустриски дизајн и за урбанистички план, од причина што домашните автори не доставија трудови од овие две категории.
Претседателката на Асоцијацијата на архитекти на Македонија (ААМ), Сања Раѓеновиќ-Јовановиќ им честиташе на добитниците на овогодинешните награди. Таа истакна дека на вистински и квалитетни објекти не им е потребна награда за да им се оддаде признание, туку самото време ќе ја покаже нивната вредност. „На луѓето може со сила да им земеме, но со сила не може да се даде. Јас ставот на проектантите го почитувам секогаш, како што мислам дека е легитимен ставот на комисијата, исто така мислам дека е легитимна и реакцијата на колегите“ посочи претседателката на ААМ, Сања Раѓеновиќ-Јовановиќ.
За доделувањето на наградите на БИМАС 2016 одлучуваше комисијата во состав: Мирослав Грчев, претседател на комисијата, и членови Владимир Пота, Владимир Десков, Невена Георгиевска, Дејан Секуловски, Дамјан Цингарски и Фросина Зафировска како надворешен член.
ИЗВЕШТАЈ од работата на жири комисијата за доделување на награди на 18-то Биенале на македонската архитектура БИМАС 2016.
Членовите на комисијата за доделување на награди на 18-иот БИМАС, како и сите архитекти членови на Асоцијацијата на архитекти на Македонија, учесници и организатори на оваа биенална архитектонска смотра, се соочија со последиците што едно тешко и контроверзно време за македонската архитектура ги остава на архитектонската и градителската дејност, нејзиното место и значење за општествената реализација, како и за тешкотиите што еснафот ги има во одржувањето на стручната автономија и на посебноста на современиот архитектонски јазик и ликовните архитектонски изразни средства. Економската рецесија неминовно влијаеше на намалувањето на архитектонската и градителската продукција што видливо го намали и бројот на учесници на Биеналето. Колку и да не и прилега на оваа пригода – свечениот ден од нашата манифестација – не е можно да не ја спомнеме и општествената контроверза во чијашто сенка се одвиваат нашите професионални животи, севкупната архитектонска продукција и, конечно, оваа архитектонска смотра: тоа е непринципиелниот упад на македонската влада во автономијата и слободата на архитектонското творештво искажано во сите владини јавни градителски инвестиции во центарот на Скопје.
Сепак, и покрај неповолните општествени влијанија, на големо задоволство на Комисијата за доделување на награди на 18-тото Биенале на македонската архитектура, заклучивме дека и во овие исклучително тешки околности, без преседан во нашата историја, македонските архитекти – учесниците на БИМАС, успеаја да остварат вредни архитектонски дела, од кои зрачи самосвојноста на архитектонското знаење и стручност, како и строгоста, достоинството и имагинативноста на архитектонскиот израз. Вреден за помен е и фактот што во трите категории во кои пристигнаа трудовите што ги жириравме – реализирани архитектонски објекти, проекти од областа на архитектурата и реализирана внатрешна архитектура, преовладуваат трудови чијшто општ квалитет и вкупни професионални достигања јасно укажуваат дека македонската архитектура ќе ги преживее тешките искушенија на времето одгледувајќи ги високите стандарди на струката, особено современата и меѓународно читлива архитектонска нарација и лингвистика, како и употребата на модерните и современи елементи и материјали за збогатување на модерната архитектонска лексика и стилистика.
Жири комисијата ја заврши својата работа во атмосфера на плодна колегијална дебата, во којашто преовладуваа аспектите на афирмација на архитектонските вредности што ги носи со себе секој евалуиран архитектонски труд. Различните мислења не ја попречија комисијата да донесе заеднички одлуки врз основа на стручна и колегијална согласност, во која преовлада свеста за значењето на афирмативната порака во полза на македонската современа архитектура и нејзината творечка, изразна и стилска автономија, порака што според нашето мислење мора да има манифестно значење. Поради тоа, со големо задоволство ги донесовме следните одлуки за доделување на награди:
1. Голема награда на 18ти БИМАС за реализиран архитектонски објект им се доделува на авторите Минас Бакалчев диа, Саша Тасиќ диа, Гордан Петров диа и Александар Петановски диа за објектот Тренинг центар ФК Вардар, за рационалниот и воздржан архитектонски израз, еден вид на дисциплинарен аскетизам со кој е на високопрефинет начин афирмирано Мисовото минималистичко архитектонско кредо „помалку е повеќе“.
2. Специјална награда за реализиран архитектонски објект им се доделува на авторите Maртин Пановски диа, Јана Гугуловска диа, Душица Диновска диа, Александар Наумчески диа со соработниците Тијана Каевска диа и Ана Урумовска диа за објектот Управна зграда на ПроКредит банка во Скопје, за исклучително економичниот и хуман пристап во обликувањето на архитектонските простори на објектот, како волумени што се прелеваат меѓусебе создавајќи топла и прифатлива спојка помеѓу формата и функцијата.
3. Специјална награда за реализиран архитектонски објект им се доделува на авторите Димитар Папастеревски диа, Езерка Папастеревска диа, Борка Стрезовска диа со соработникот Соња Наковска и конструкција Тони Арангеловски инг, за индивидуален станбен објект во Козле, Скопје, за иновативноста и архитектонското мајсторство во решавањето влезните простори, комуникациите и конекцијата помеѓу надворешноста и внатрешноста на најмногу решаваниот градителски проблем на светот – куќата за домување.
4. Награда за проект од областа на архитектурата се доделува на авторот Даниела Хаџиќ, диа за проектот семејна куќа – Фузија во Ѓорче Петров, Скопје, за ретката архитектонска вештина со едноставни елементи во иклучително скромни материјални и димензионални рамки да се создава висока архитектонска вредност и хуман простор за домување.
5. Награда за релизирана внатрешна архитектура – ентериер им се доделува на авторот Андријана Савиќ диа со соработниците Даница Спасевска диа и Иван Белески диа за Инфо пулт, за исклучително ефектното архитектонско обликување на дел од еден огромен ентериер – еден агол во својство на атрактор со автономна кристална геометрија и ненаметлив монохроматски шарм, што многу ја прераснува својата намена и размера.
6. Награда за реализиран индустриски дизајн не се доделува, поради одсуство на пријавени трудови во оваа категорија.
7. Награда за урбанистички план или проект не се доделува, поради одсуство на трудови во оваа категорија.