Дел од постарите станбени објекти во скопската општина Карпош годинава ќе ја добијат можноста за имплементирање на мерките за енергетска ефикасност. Локалната самоуправа деновиве го објави планот за реконструкција на фасадите на 40 згради за колективно домување. Од буџетот на општината во овој проект ќе бидат инвестирани 50 милиони денари. Со зафатот станарите на овие згради треба да добијат пониски сметки за топлинска енергија во зимските месеци, но истовремено со термо фасадите ќе се подобри естетскиот изглед на објектите.
* извор на фотографија: Општина Карпош
Проектот во наредните месеци ќе се реализира во населбата Козле, како и долж булеварите Партизански одреди и Илинден, каде што е предвидено да се обнови надворешноста на 20 згради. Во моментов во тек се тендерски постапки за реконструкција на 10 објекти лоцирани на улиците Миле Поп Јорданов и Јуриј Гагарин.