Претходна статија
Добивката на штипски „Бетон“ лани намалена за 49%
Следна статија
Избрано идејно решение за уредување на коритото на Кочанска река

3,5 милиони евра за изведба на шест фасади на улица „Македонија“

Објавено на 01.03.2016 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

За промена на надворешниот изглед на шест објекти на улица „Македонија“ е предвидено да се потрошат околу 220 милиони денари, односно 3,5 милиони евра без вкалкулиран ДДВ. Градските власти денеска го објавија огласот за реконструкција на фасадите на постојни објекти на главната пешачка зона во Скопје. Станува збор за фасади на објектите со број 6, 13, 32, 35, 40 и 47. Од Градот Скопје денеска не излегоа со официјално соопштение зошто се менува препознатливиот лик на овие зданија од центарот на градот. Во процесот на „барокизација“ веќе се вклучени речиси сите згради на улицата „Димитрие Чуповски“, но и две зданија на улицата „Македонија“.

 

 

 

Од Градот Скопје досега нема сеопфатни информации околу реализацијата на реконструктивниот зафат, како на пример, кој е автор на секој поединечен објект врз кој е предвидена изведба на градежни работи, но исто така не се објавени визуелизации на оние градби што допрва треба да се санираат од предната страна што гледа кон улица „Македонија“. Од Градот Скопје нема одговор дали се испочитувани авторските права на архитектите кои ги изработиле изворните идејни решенија за објектите.

 

Скопјани ја немаа можноста да се запознаат со победничките авторски дела ниту на архитектонска изложба, па така финалниот изглед на главната пешачка зона во Скопје ќе остане тајна за граѓаните. Градските власти немаат соопштено ниту колку ќе чини постапката за промена на изгледот на фасадите на сите објекти опфатени со проектот „Скопје 2014“. Според информациите објавени на веб-страницата на Бирото за јавни набавки, заинтересираните градежни компании имаат рок до 21 март за да ги достават своите понуди за учество на распишаниот тендер.

 

Историјата на скопската улица „Македонија“ започнува во 1911 година, кога истата е пуштена во употреба во чест на турскиот султан Мехмед V Решад. По нејзината должина егзистираат објекти од различни архитектонски стилови, изградени од почетокот на дваесеттиот век до денешен ден. Сите тие се пред опасност од целосно бришење од меморијата на скопјани под налетот на „Скопје 2014“.

 

 

 

Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.com.mk