Има ли крај за проектот „Скопје 2014“? Ова прашање повторно доаѓа до израз по денешните огласи на Градот Скопје што водат кон целосна промена на архитектонскиот лик на главниот град. Во ист ден, градските власти објавија неколку тендери за избор на компании што ќе рефасадираат неколку постојни објекти, но распишаа и неколку архитектонски Конкурси за избор на идејни решенија за „барокни“ фасади на згради на кои досега не е интервенирано. Изведба на „стилизирана“ фасада од проектот „Скопје 2014“ го чека објектот на „Трготекстил“ кај трговскиот центар „Рамстор“, зградата на „Технометал“ и уште две други градби на плоштадот „ВМРО“, како и двата објекти лоцирани помеѓу „Сити галери“ и Градскиот трговски центар на плоштадот „Македонија“.
Како по обичај, архитектонските Конкурси на градската власт не се подготвени по вообичаените меѓународни стандарди. Градската администрација ниту еднаш во изминативе денови ја нема запознаено македонската јавност за причините поради кои треба да се промени надворешниот изглед на сите овие градби во централното градско подрачје. Официјално соопштение или прес – конференција на оваа тема не е организирана од Градот Скопје, ниту пак можат да се откријат членовите на жири – комисијата која треба да одлучува за доставените архитектонски трудови. Како и досега, сите информации во врска со оваа тема се единствено достапни на веб – страницата на Бирото за јавни набавки. Таму стои дека заинтересираните автори треба да ги достават своите трудови најдоцна до 1 април. Архитектонските награди за победничките трудови ќе имаат нето износ од 50.000 до 150.000 денари.
Рушењето на историјата на постземјотресно Скопје продолжува и со тендери за реконструкција на фасадите на три објекти во централното градско подрачје. Градските власти трагаат по компании што ќе го барокизираат поранешното седиште на Министерството за финансии, зградата на Министерството за труд и социјална политика, каде што воедно се сместени Асоцијацијата на архитекти на Македонија и Комората на овластени архитекти и инженери. Во „барок“ ќе мора да премине и седиштето на Стопанската комора на Македонија. Од буџетот на Град Скопје за промена на изгледот овие три згради е проценето дека ќе се издвојат околу 3,6 милиони евра.
Бојан Блажевски
bojan.blazevski@build.com.mk