Претходна статија
Трета фаза од изградбата на охридското шеталиште
Следна статија
За пет месеци ќе заврши реконструкцијата на булеварот АСНОМ

Нов лик за постарите станбени згради во Куманово

Објавено на 29.01.2016 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Општина Куманово и Хабитат Македонија го стартуваа проектот за спроведување на мерките за енергетска ефикасност на 12 станбени објекти во централното градско подрачје. „Фактичка реализација има во осмокатницата во строгиот центар на Куманово на градскиот плоштад, каде веќе се менува столаријата. Со подобрување на временските услови треба да се отпочне со менување на фасадата“, велат од Општина Куманово. Со проектот ќе бидат опфатени сите неопходни зафати за спроведување на мерките за енергетска ефикасност, вклучувајќи ја изведбата на нова, термичка фасада на зградата, обнова на кровната конструкција и покривачите на објектите, и поставување на колоритни бои со кои ќе се освежи изгледот на центарот на градот.

 

 

Изведбата на нови фасади на колективните згради стари и по неколку децении е проект што се реализира во соработка со граѓаните. Општина Куманово обезбедува 20% од целокупната сума за спроведување на мерките за енергетска ефикасност, додека останатите средства граѓаните можат да ги обезбедат преку кредит од Хабитат Македонија. Самите станари од објектите го избираат изведувачот на градежните работи, а во проектот е предвидено да се вклучат деловните и комерцијални субјекти што се сместени во самите објекти. Проектот ќе се реализира врз основа на изготвената ранг – листа на станбени згради од страна на Општина Куманово.

 

Помеѓу останатите придобивки, со спроведувањето на мерките за енергетска ефикасност ќе се заштити и испочитува изворниот архитектонски израз на авторите на станбените објекти. Договорот за соработка меѓу Општина Куманово и Хабитат Македонија беше постигнат изминатата есен.