Претходна статија
Добивката на штипски „Бетон“ зголемена за 64% во 2015 година
Следна статија
20 милиони евра за „барокизација“ на универзитетскиот кампус

95.000 евра ќе се дадат за помрднување на мониторот на „Сити галери“

Објавено на 30.11.2015 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Градот Скопје ќе потроши 5.953.100 денари (над 95.000 евра) за непредвидени работи поврзани со дислокацијата на големиот монитор на објектот „Сити галери“, на плоштадот Македонија. Поместувањето е дел од проектот за реконструкција на фасадата на ова здание во согласност со проектот „Скопје 2014“, кој се работи според идејното решение на авторите Лазар Димов и Никола Стакинов. „Барокизацијата“ на овој објект се одвива речиси цела година наназад, а за нејзината реализација од градскиот буџет досега беа издвоени финансиски средства во износ од околу 1,5 милиони евра. Градежните работи на терен ги изведува „Урбан инвест“ од Кавадарци.

 

 

За поместувањето на мониторот на „Сити галери“ постои и објаснување од страна на градските власти. „Со проектот за реконструкција и доградба на фасадата на стоковната куќа денес, Сити галери, постоечкиот монитор кој гледа спрема Плоштадот Македонија останува повлечен во однос на фронтот на новата фасада за 79 цм. Со тоа неговата ефикасност односно согледливост на информациите кои ги испорачува се намалува и е во доволен степен загрозен финансискиот ефект за сопственикот, така што се појавува потреба од негово поместување до фронтот на новата фасада“, се вели во образложението за потрошените финансиски средства.

 

 

Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.com.mk