Реконструираниот блок Б од скопскиот студентски дом „Гоце Делчев“ денеска ги прими првите станари. Како што јавува Радио МОФ, студентите кои беа сместени во стариот блок А почнаа да се вселуваат во реконструираниот блок, кој се санираше во изминатите 13 месеци. За реализација на зафатот од буџетот на Министерството за образование и наука беа одвоени над 1,2 милиони евра. Во објектот се изведени градежни работи за санација на внатрешните простории и решавање на досегашниот проблем со надворешните атмосферски влијанија. Санирани беа собите и тоалетите, беа обновени ѕидните површини и подовите, набавен е нов мебел, а инсталиран е и нов лифт.
* Извор на фотографија: Радио МОФ (Автор: Емилија Петреска)
Вселувањето на студентите во реконструираниот блок ќе трае и во текот на наредните денови. Самото пуштање во употреба на блокот Б доцнеше цели пет месеци. По завршувањето на процесот на вселување, следува санационен зафат на блокот А од студентскиот дом. Министерството за образование и наука во претстојните денови треба да објави тендер за избор на градежна компанија и за овој зафат.