Претходна статија
Музејот „Македонска борба“ ќе проголта уште 611 илјади евра
Следна статија
На Гази Баба отворени 1.600 метри нови трим патеки

Изградбата на новата Клиничка болница во Штип почнува есенва

Објавено на 08.08.2015 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Во октомври треба да започне изградбата на новата штипска Клиничка болница, инвестиција вредна 30 милиони евра. Објектот ќе има бруто површина од 34.000 метри квадратни и ќе се гради во рамки на постоечкиот болнички комплекс, на просторот меѓу главната болничка зграда, зградата на инфективното одделение и зградата на педијатрија. Доколку работите течат според планираното, објектот ќе биде ставен во функција во рок од три години.

 

Визуелизација: Новата Клиничка болница во ШтипВизуелизација: Новата Клиничка болница во Штип

Визуелизација: Новата Клиничка болница во ШтипВизуелизација: Новата Клиничка болница во Штип

 

 

Автори на проектот се Љиљана Митровиќ и Горана Митровиќ со соработниците Срѓан Митровиќ, Иво Антонијевиќ и Филип Недевски, за што ја добија Наградата за проект од областа на архитектурата на 17-то биенале на македонската архитектура „БИМАС 2014“. Подготовката на деталната техничка документација траела околу две години, а на неа работеле пет стручни тимови за архитектура, статика, електрика, машинство и водовод. Дополнително и посебно задолжени лица за противпожарна заштита, животна средина, звук, енергетска ефикасност, и заштита на градежната јама.

 

Новата Клиничка болница ќе биде распределена на 8 нивоа, каскадно поставени на теренот. Објектот има две целини: првата се состои од три катни висини каде ќе бидат организирани сите болнички одделенија, а втората целина се состои од четири нивоа – подрум, ниско приземје и први кат. Во подрумските простории се сместени сите технички и сервисни одделенија како и одделот за патологија и судска медицина. Во ниското приземје се сместени Ургентниот центар, радиолошко дијагностичкиот оддел, централните гардероби и лабораторијата, болничката аптека и стерилизацијата. Во приземјето и пониските нивоа се сместени 17 амбуланти, дополнети со специјализирани простори за прегледи и третман, како и дневни болници за трансфузиологија, дневна хирургија со три мали сали, хемотерапија психијатрија, служба за превенција и третман за зависности од дрога.

 

Планирано е 80% од собите во одделенијата за нега на хоспитализирани болни да бидат 4-креветни, 10% да бидат 2-креветни и 10% 1-креветни соби. Секој стационар ќе има приемен простор, простории за поддршка, простории за персонал и заеднички простории. Проектиран е и интерен систем за пневматска пошта кој ќе ги поврзува лабораторијата со дијагностиката и оперативниот дел. На крововите на објектот е предвидено да се изведат градини, од кои дел ќе бидат проодни и ќе можат да се користат од вработените и пациентите.