Скопската општина Карпош планира финансиски да им помогне на граѓаните во реконструкција на покривите на колективните станбени згради што се наоѓаат на нејзина територија. Градоначалникот Стевчо Јакимовски денеска ги презентираше критериумите и условите за конкурирање. „Средствата за нов покрив ќе се доделуваат врз основа на критериуми и со бодирање, кое ќе зависи од староста на зградата, од бројот на станови кои што ги има самата зграда. Доколку се работи за реконструкција на покриви, ќе се процени оштетеноста на покривот и колку се оштетуваат становите на станарите кои живеат на највисоките катови“, истакна Јакимовски.
Во новиот проект е неопходно со сопствени средства да се вклучат и самите граѓани од зградите. Општина Карпош ќе донира ламарина, штрафови и парна брана, додека станарите за новиот покрив ќе треба да обезбедат работна рака, покривна конструкција и проект со градежно одобрение. Најавениот зафат започна денеска со првиот станбен објект лоциран на улицата „Никола Тесла“ во населбата Карпош 1, за чиј покрив станарите собрале сопствени финансиски средства во висина од околу 20.000 евра.