Пазарот на недвижности во државава направи крупен исчекор кон поголема транспарентност и ефикасност. Катастарот на својата веб-страна преку ГИС ПОРТАЛОТ започна со јавно објавување на цените на сите купопродажби и закупи запишани во Регистарот на цени и закупнини. На граѓаните им се достапни се информации за бројот и видот на трансакции на одредена локација, која цена е постигната, за каков тип недвижност се работи, која е квадратурата што била во промет и датумот кога е извршена трансакцијата. Проектот за воведување Регистар на цени на недвижностите започна да функционира пред два месеци, а досега се обработени преку 5.000 трансакции.
Најголемата трансакција во периодот од 16.03.2015 до денес се случила на територијата на Охрид и истата изнесува 74.261.000 денари (1,2 милиони евра). Се работи за купопордажба на објект со површина од 6.751 метри квадратни. Во Охрид просечната цена на метар квадратен земјиште во градот изнесува 3.561 денар, додека во околината изнесува 358 денари за метар квадратен. Просечната цена на метар квадратен за објект во Штип изнесува 30.384 денари, или за референтен објект од 77 квадрати во Штип цената би изнесувала 2.339.568 денари. Во Скопје, во општина Карпош е постигната просечна цена од 58.097 денари за метар квадратен за објект, додека во катастарската општина Кисела Вода 2 истиот има просечна вредност од 49.136 денари.
Кај закупите најголема вредост е постигната во Скопје, во катастарската општина Центар 2. Се работи за деловен простор со површина од 287 метри квадратни и месечна закупнина од 411.335 денари (6.690 евра). Што се однесува до бројот на закупите најголем број на закупи од досега обработените се случиле на територијата на катастарската општина Центар 1, односно 116 закупи со постигната просечна цена по метар квадратен од 449 денари (за референтна недвижност од 69 метри квадратни месечниот закуп би изнесувал 30.877 денари). Во Кисела Вода 2 закуп на метар квадратен просечно изнесува 298 денари, додека во Охрид изнесува 397 денари.
Сите овие податоци дополнети со детални анализи ќе бидат дел од извештаите за движењето и трендот на цените на недвижностите и закупите кои Агенцијата за катастар на недвижности ќе ги објавува два пати годишно. Покрај граѓаните од овој регистар голема корист ќе имаат и огромен број институции и приватни бизниси.