Локалната самоуправа од Центар информираше дека се завршени градежните работи од изработката на термичка фасада на станбената зграда на булевар 11 Октомври, број 38. Од општинскиот буџет за оваа намена се инвестираа 5.728.032 денари, а изведувач на работите беше фирмата М.М.Л. Инженеринг од Скопје. Со новата фасада се постигнати неопходните мерки за енергетска ефикасност, со што станарите од оваа зграда ќе плаќаат помали сметки за енергија за 33%.
* Извор на фотографија: Општина Центар
Од општина Центар информираат дека е задржана автентичноста на зградата и на изворното идејно решение на познатиот архитект Александар Серафимовски. Новите бои на станбената зграда се избрани во договор со станарите. Локалните власти најавуваат дека ќе продолжат со проектот за обновување на надворешниот изглед на зградите во централното градско подрачје на Скопје. Следна за реконструкција е зградата до Сава Крањ, спроти трговскиот центар „Рамстор“.