Во рамките на проектот за зачувување на фасадите на објекти од старата градска архитектура, со поддршка на Министерството за култура годинава во старото градско јадро на Велес ќе бидат реализирани санационо – конзерваторски активности на фасадите на пет објекти на улица „Јован Алабаков“, кои се дел од автентичната споменична целина со традиционални белези на велешката архитектура на XIX век. Според информациите од Министерството за култура, проектот за заштита на фасадите на петте куќи е изработен од страна на стручните екипи од Националниот конзерваторски центар – Скопје, институција надлежна за заштита на културното наследство. Процесот на реставрација на надворешниот изглед на овие објекти ќе се одвива до крајот на 2015 година. Во рамките на овој владин проект, на национално ниво досега е извршена санација и реставрација на 16 фасади на објекти, и тоа 15 одделни објекти во урбаните средини на Крушево, Скопје, Битола, Охрид, Кичево, Гевгелија, Гостивар и Прилеп, како и еден комплекс од пет дуќани во Кратово.