Градот Скопје го поништи Конкурсот за избор на идејно решение за реконструкција на фасадите на објекти лоцирани на улицата „Црвена скопска општина“ во центарот на Скопје, односно објектите околу плоштадот „Филип Втори“. Градската власт наведува дека приложениот труд на распишаниот Конкурс не ја испочитувал постојната архитектура, не ги задоволил конкурсните барања, ниту пак ја запазил амбиенталната средина на просторот. Поради неисполнувањето на архитектонските услови, одлучено е да се поништи Конкурсот.
Скопските градски власти распишаа архитектонски Конкурс за фасадите долж улицата „Црвена скопска општина“ во јануари минатата година. Заедно со овие градби, тогаш се побара од архитектите да достават свои трудови и за планираната реконструкција на фасади на булеварот „Илинден“ и на улицата „Димитрие Чуповски“. Градот Скопје во септември 2013 година одлучи дека објектот „Ибни Пајко“ ќе добие нова реконструирана фасада, заснована на идејното решение на архитектите Лазар Димов и Никола Стакинов.