Покрај тоа што е предвидено да добие нова фасада, познатиот објект „Метропол“ на централниот скопски плоштад „Македонија“ ќе се надоградува, при што ќе добие осум ката, вклучувајќи купола и антена на врвот на зградата. Одлуката за изменување и дополнување на Одлуката за утврдување на изгледот на фасадите вчера ја доби поддршката на седницата на Советот на град Скопје. Во образложението за промена на фасадата се наведува дека сопственикот на објектот доставил идеен проект за измена на надворешниот изглед на зданието, заедно со неговата доградба и надградба.
„Промените кои настануваат во изгледот на фасадата се како резултат на целокупната планирана реконструкција на објектот, промена на конструктивните системи, и на негова доградба и надградба“, пренесува порталот „Плусинфо“. Новиот идеен проект е нарачан од „Канет Адем ДООЕЛ Скопје“ и истиот претставува замена на претходно изготвеното решение, кое беше изработено во 2012 година од страна на Лазар Димов и Никола Стакинов. Врз основа на неокласицистичкиот конкурсен труд, „Инком Инженеринг“ ја изготви проектната документација за објектот „Метропол“.
Заедно со зградата на Градската болница, објектот „Метропол“ претставува најстаро модернистичко здание во центарот на главниот град, изграден во 30-те години на дваесеттиот век. Под чудни околности, овој објект не се наоѓа под законска заштита на Конзерваторскиот центар како споменик на културата.