Претходна статија
Седум хектари градежно земјиште се продаваат во Орешани
Следна статија
Ќе бидат реконструирани болниците во Битола и Прилеп

Целиот плоштад „Македонија“ затворен поради реконструкција

Објавено на 15.01.2015 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Иако не е довршена првата фаза од изведбата на површинска фонтана и партерно уредување на просторот помеѓу фонтанта „Воин на коњ“ и Камениот мост, Градот Скопје одлучи да го огради и преостанатиот дел од централниот плоштад „Македонија“ за реализација на втората фаза од проектот. Од вчера е затворен целиот простор околу фонтаната „Воин на коњ“, на кој е предвидено да се изведе мозаик. На градилиштето активно работат екипите на градежната компанија „Трансмет“, која за сума од 1,2 милиони евра треба целосно да изведе нова фонтана со 128 прскалки и да ги замени постоечките гранитни плочки поставени пред една деценија. Во изминатиов период се работеше на подземната инсталација за фонтаната, а во наредните месеци треба да се комплетира и партерното уредување од првата фаза на проектот.

 

* Идниот изглед на плоштадот „Македонија“ според визуелизацијата објавена од неделникот „Република“

 

 

Изведбата на градежните работи веќе доцни неколку месеци, ако се земе првично зададениот рок за комплетирање на проектот во временски период од шест месеци. Целосното партерно уредување на плоштадот „Македонија“ во моментов е невозможно, поради тоа што и понатаму се реализираат градежни активности на новиот хотел „Мериот“. Со проектот на Град Скопје е планирано да се постават нови клупи, канти за отпадоци и канделабри на овој простор. Градежните работи се остваруваат врз основа на изготвената проектна документација на Јавното претпријатие за просторни и урбанистички планови – Прилеп.