Неоклацистичкиот лик на објектот на Владата на Р.М. црпи нови средства од државниот буџет. За изведба на градежни и градежно – занаетчиски работи за ентериерно уредување и адаптација на шестата „коцка“ од ова административно здание ќе се потрошат 249.564.445 денари (околу 4 милиони евра). Севкупните активности за изработка на идниот внатрешен изглед на овој дел од владиното седиште ќе ги изведува фирмата „АСПРОМ ДООЕЛ“ од Скопје во временски период од четири месеци. Наспроти познатиот неокласицистички изглед на фасадата во изведба, македонската јавност засега не е запознаена со визуелизациите што треба да го откријат ентериерниот дизајн на некогашната „ЦЕ-КА“. Идејниот и основен проект за внатрешноста ги изготви бирото „Архитектоника“ од Скопје.
Ако се земе во предвид новосклучениот договор, тогаш вкупната вредност на целосната промена на изгледот и концептот на објектот на Владата на Р.М. ќе чини околу 16 милиони евра. Во оваа сума влегуваат потпишаните договори за изведбата на новата фасада и на нови тераси на покривот на ова здание. Досегашните градежни работи на објектот ги вршат компаниите „Бауер БГ“ и „Декон – Ком“ од Скопје. Основниот проект во духот на проектот „Скопје 2014“ е дело на бирото „Архитектоника“, додека идејното решение за рефасадирање и доградба на владиното седиште го изработија авторите Жарко Чаушевски и Филип Богатинов.
Градителскиот проект се реализира без поддршка од страна на архитект Петар Муличковски, творец на оригиналниот проект за некогашна „ЦЕ-КА“. Уште пред да стартува процесот на реконструкција и доградба на владиниот објект, тој не даде согласност за промена на неговото архитектонско дело.
» Форумска дискусија за овој проект
Бојан Блажевски