Министерката за култура Елизабета Канческа – Милевска денеска оствари работна посета на манастирскиот комплекс „Свети Ѓорѓи“ во Старо Нагоричане за да се запознае со текот на активностите за конзервација и ревитализација на овој културно – историски споменик. Во моментов се одвиваат интензивни работи на терен во насока на спроведување на проектот. „Се работи на фортификација на камбанаријата, потоа на изградба на сосема нов паркинг простор, адаптацијата на старата училишна зграда во музејска поставка, реновирање на селската чешма и партерно уредување на селскиот плоштад“, изјави Канческа – Милевска.
Во наредниот период ќе се продолжи со реализацијата на овој проект, при што ќе се постави нова електрична инсталација и осветлување, ќе се изведе нов дренажен систем, ќе се уреди црковниот двор, ќе се изградат тоалети и пристап за лица со посебни потреби и ќе се постават информативни табли. За ревитализација на манастирскиот комплекс „Свети Ѓорѓи“ се предвидени парични средства во висина од 1.422.000 евра, од кои 1.166.000 се повлечени од ИПА – фондовите на Европската унија, додека останатите се обезбедени од Министерството за култура. Зафатот треба да се комплетира најдоцна до втората половина на 2015 година.