Општина Пробиштип распиша оглас за продажба на градежно земјиште за изградба на четири одморалишта и еден деловен објект во рамките на скијачкиот центар Пониква. Се работи за пет градежни парцели со површина од 287 до 637 метри квадратни, со чија продажба се очекува овој зимско – рекреативен центар да добие дополнителни сместувачки капацитети за привлекување на нови туристи. Почетната цена на земјиштето за изградба на одморалиштата изнесува 61 денари за метар квадратен, додека парцелата наменета за изведба на деловен објект се нуди по цена од 350 денари за метар квадратен. Вкупната површина на целокупното земјиште што се продава по пат на електронско јавно наддавање изнесува 2.171 метри квадратни.
Покрај на скијачкиот центар Пониква, локалната самоуправа од Пробиштип продава уште пет други локации за изградба на нови објекти на територијата на овој град. На заинтересираните инвеститори им се нуди парцела со големина од 646 метри квадратни за подигање на трговски објект, локација од 2.615 метри квадратни за изградба на објект со намена за мали комерцијални и деловни дејности, градежно земјиште од 596 метри квадратни за изведба на станбена зграда и две парцели од 398 и од 843 метри квадратни за изградба на деловни објекти. Почетната цена за продажба на овие локации се движи од 1.040 до 1.600 денари за метар квадратен.
Од локалната самоуправа очекуваат дека од најавената продажба на земјиштето во буџетот ќе инкасираат финансиски средства во висина од најмалку 6.114.171 денари или околу 100 илјади евра. Заинтересираните субјекти треба да ги достават понудите за учество на електронското јавно наддавање, заедно со целокупната документација, најдоцна до 23 јули. Електронската лицитација на понудените 10 градежни парцели ќе се одржи на 25 јули.