Претходна статија
Плоштадот „Пресвета Богородица“ поскапе за 620 илјади евра
Следна статија
Повик за доставување предлози за наградата „Андреја Дамјанов“

Државата ќе им ја плати легализацијата на дивоградбите на социјално ранливите лица

Објавено на 23.06.2014 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Македонската влада на денешната втора седница донесе неколку мерки со кои ќе им се помогне на социјално ранливите лица. Меѓу нив, е одлуката за бесплатна изработка на геодетски елаборати за легализација на дивоградбите на овие категории граѓани. Премиерот Никола Груевски информираше дека потенцијални корисници на оваа мерка се околу 34 илјади приматели на социјална помош и пет илјади граѓани кои добиваат постојана парична помош. Овие групи на граѓаните нема да ги изгубат социјалните бенефиции од државата со легализацијата на дивоизградените објекти.

 

 

 

Со усвојувањето и дополнувањето на Законот за катастар на недвижности, во иднина геодетските елаборати за овие категории на граѓани по службена должност ќе ги изработува Агенцијата за катастар на недвижности. По усвојувањето на законот од македонското собрание, социјално ранливите лица ќе треба да обезбедат потврда од центрите за социјална работа и потоа ќе може во подрачните одделенија на Агенцијата за катастар на недвижности да поднесат барање за изготвување на геодетски елаборат за легализацијата. Истовремено, лицата со ниски примања ќе треба да обезбедат потврда од Управата за јавни приходи и потоа да поднесат барање до катастарот за изготвување на овој документ за легализација на нивната дивоградба. Крајниот рок за доставување на геодетските елаборати за легализација на бесправно изградените објекти истекува на 31 декември 2015 година.

 

Премиерот денеска објасни уште една мерка што е тесно поврзана со градежниот сектор. „Една од мерките е во иднина сите градби кои ќе се градат да бидат проектирани и изградени со посебно место за непречено движење на лицата со инвалидност“, истакна тој. Секоја станбена зграда со повеќе од 10 станови во иднина ќе мора да биде приспособена за пристап и движење на лицата со попреченост, како и еден на 10 станови ќе треба да биде прилагоден за живеење на лица со попреченост и инвалидност. Во лифтовите на овие објекти ќе мора да се постави хоризонтална и вертикална сигнализација за непречено движење на слепите лица. Истовремено, на сите пешачки патеки и јавни површини што ќе се градат во претстојниот период ќе мора да има и патека за движење на слепите лица.