Осум новоизградени приземни павилјони со површина од 2.000 метри квадратни и вкупно 140 легла денеска беа пуштени во употреба во студентскиот дом „Стив Наумов“ во скопската населба Автокоманда [»мапа]. Во склоп на новите објекти има и соби за лицата со посебни потреби. Реализацијата на проектот го чинеше Министерството за образование и наука 103 милиони денари, односно околу 1,7 милиони евра. Изградбата на павилјоните започна во декември 2011 година, а првичниот рок за нивно завршување беше октомври 2012 година.
На денешното отворање присуствуваа премиерот Никола Груевски и министерот за образование и наука Спиро Ристовски. Министерот Ристовски изјави дека е завршено поднесувањето на понуди за првата фаза од реконструкцијата на студенскиот дом „Гоце Делчев“ и дека во следните денови треба да се одржи електронската аукција. „Можеби нема да може да одговориме во целост на сите потребни барања, но треба да бидеме рационални бидејќи многу е поважно во следните две години како што е планирано во фази да заврши комплетната реконструкција и да се обезбедат соодветни услови за студентите“ рече Ристовски.