Министерството за култура изработи физибилити студија за ревитализација на дебарско – реканското село Гари, кое во моментов се состои од 75 куќи. Изготвената документација предвидува реставрација на постоечките куќи со традиционалните материјали и техники на старите мајстори. Предвидено е да се инвестира и во нови содржини што ќе го поддржат селскиот туризам, како што се: сместувачки и угостителски капацитети, инфо – зони, изложбен простор, уредување на просторот во центарот на селото и други помали плоштади, ревитализација на црквата „Св. Богородица“ и организирање на летна школа за архитектонска конзервација на традиционалните куќи и практична обука.
Проценката на физибилити студијата е дека проектот за ревитализацијата на селото Гари е економски исплатлив, дури и ако бидат исполнети само 30 отсто од куќите, и тоа само по едно легло. Овој документ е изработен во рамките на меѓународниот проект „Култема“, финансиран од ИПА – фондовите за прекугранична соработка и од Министерството за култура. Вкупниот буџет на „Култема“ изнесува 88.000 евра.