Градоначалникот на општина Центар Андреј Жерновски денеска ја претстави новата енергетски ефикасна фасада на станбениот објект „Папагал“ лоциран на крстосницата помеѓу булеварите „Св. Климент Охридски“ и „Димитрија Чуповски“. Со зафатот е вграден термоизолационен материјал на надворешната фасада со дебелина од 5 cm, по што зградата доби и нови бои со кои сегашниот изглед се доближува на изворниот изглед по нејзината изградба од пред шест децении. Со спроведените мерки за енергетска ефикасност се намалува потрошувачката на топлинска енергија на станарите од објектот, со што во иднина ќе се намалат и нивните сметки за греење. Вредноста на овој инвестициски зафат изнесува 4.885.000 денари.
Од овогодинешниот буџет на општина Центар се издвоени финансиски средства за изведба на 11 нови енергетско ефикасни фасади на постари објекти во центарот на Скопје кои се наоѓаат на булеварите „Св. Климент Охридски“, „Рузвелтова“, „Мито Хаџивасилев Јасмин“, „Илинден“, улиците „Борка Талески“, „Цицо Поповиќ“, „Пиринска“, „Иван Милутиновиќ“, „11 Октомври“ и „Рајко Жинзифов“. Градоначалникот Жерновски на денешната прес – конференција напомена дека со претстојните градежни зафати ќе се испочитува оригиналниот изглед и ниедна фасада нема да се менува без согласност на станарите на зградите.