Претходна статија
Реконструкцијата на македонските затвори никако да започне
Следна статија
Идни зданија од проектот „Скопје 2014“ обелоденети во новата туристичка мапа на градот

Катастарот ќе воведе ред на македонскиот пазар на недвижности

Објавено на 24.05.2013 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Агенцијата за катастар на недвижности ја презема улогата на проценка на недвижностите во земјава. За најмногу две години катастарот ќе профункционира како берза на промет на недвижности и ќе ја утврдува вредноста на 800.000 објекти и на 4 милиони парцели на територијата на Македонија. Директорот на катастарот Славче Трпески во интервју за националната новинска агенција МИА наведува дека во иднина точно ќе се знае вредноста на секој стан, пред да се изврши купопродажна трансакција. Најпрвин ќе се изврши првична проценка на недвижностите, а потоа ќе се врши репроценка на објектите најмалку еднаш годишно. Во соработка со Светската банка, веќе се бара меѓународен консултант за изработка на методологија за проценка на недвижностите, постапка што треба да заврши до октомври годинава.

 

 

 

 

За разлика од другите држави, во Македонија вредноста на становите ја проценуваат приватните агенции за недвижности, инвеститорите во градбите или сопствениците на објектите, без утврдена методолошка постапка. Како последица на тоа, цените на пазарот ги одредуваат исклучиво овие субјекти, што понекогаш создава позиција на нереално држење високи цени на недвижностите. Воедно, придвижувањето на просечната цена на недвижностите, особено во делот на становите, се утврдува само еднаш во годината од страна на Државниот завод за статистика, како и од Народната банка на Македонија во четирите квартални извештаи во текот на годината. Со воведувањето на ваквата дејност на Агенцијата за катастар на недвижности ќе може да се определи реалната цена на недвижностите, но и ќе се надминат дел од досегашните манипулации на продавачите на објекти и на градежни парцели.