Претходна статија
Инвеститорите добиваат можност за вложување во сончеви електрани со моќност од нови 8 мегавати
Следна статија
Гранична населба ќе се гради во близина на преминот „Богородица“

Населбата „Зајчев Рид“ чека амин од Општина Карпош

Објавено на 02.04.2013 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Зајчев РидСоветот на Општина Карпош треба да ги донесе урбанистичките планови „Зајчев Рид 1 и 2“ и „Зајчев Рид 3 и 4“ по завршувањето на локалните избори. Долгонајавуваната елитна населба со која Скопје ќе се шири кон север, ќе се реализира со продажба на државното неизградено земјиште од страна на локалната власт, но и преку договорање на приватните сопственици на парцелите со потенцијални домашни и странски инвеститори во проектот. Иако двата нацрт – урбанистички плана беа усвоени уште во ноември минатата година, тие не се финално потврдени во општинскиот совет. Наспроти праксата на Општина Карпош да ги објавува овие документи на официјалната интернет – страница, двата урбанистички плана за Зајчев Рид воопшто не се објавија на увид на интернет за заинтересираните граѓани.

 

Постоечката урбанистичка документација за атрактивниот простор позади Хидрометеоролошкиот завод беше донесена на државно ниво од страна на владата во 2008 година. Главниот проблем за одолговлекување на изградбата на ветената населба е фактот што огромен дел од земјиштето е во приватна сопственост, при што за дел од него се водат спорови помеѓу самите наследници. Сегашната документација го фаворизира државното земјиште за изградба на живеалишта, додека на локациите кои се во сопственост на приватни лица во голема мерка се предвидени јавни зданија и верски објекти. Поради тоа, поголем дел од граѓаните кои го поседуваат земјиштето во неколку наврати изразија негодување од идејата за ваквата распределба на идните објекти или пак плановите за целосно преземање на локацитетот од страна на државата или локалните власти.

 

Локалитетот Зајчев Рид се простира на површина од 150 хектари. Во рамки на елитната населба ќе се градат индивидуални куќи и станбени згради, а предвиден е и простор за подигање на хотели, трговски единици, бензински пумпи, плоштади и амфитеатар. Во новата урбанистичка документација се зацртани вкупно 622 градежни парцели. Со продажбата на земјиштето во државна сопственост ќе раководи општина Карпош, додека висината на финансиските средства што би требало да ги одвојат заинтересираните купувачи би ја определила македонската влада.