Претходна статија
Ќе се испитува влијанието врз животната средина на „Луково поле“
Следна статија
Булеварот Крушевска република ќе се гради под земја

Доцни санацијата на коритото и изградбата на платформите на реката Отиња во Штип

Објавено на 16.02.2013 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Уредувањето на коритото на реката Отиња во централното подрачје на Штип најверојатно ќе се пролонгира за неколку месеци. По речиси 10 месеци од започнувањето на изведбените активности за санација на речното корито и изградба на пет паркинг платформи, реализирани се над 20% од целокупниот проект. Во моментов привршува изградбата на првиот дел од каналите во кои треба да се сместат сите подземни инсталации. Проектот веќе доцни со реализација и се става под знак прашање можноста да се заврши во предвидениот рок од 18 месеци. Главна причина за ваквото одолжување е непостоењето на подземен катастар и затекнатиот хаос со инфраструктурните инсталации, поради што се јави потребата за изведба на канали во кои истите ќе се сместат. По целосното решавање на овој проблем, се очекува во текот на наредната недела да продолжи изградбата на првата паркинг платформа кај градскиот плоштад, која се очекува да биде завршена во претстојните неколку недели.

 

 

 

 

Бугарската компанија „Кибилд“ во текот на минатата есен привремено ги прекина изведбените активности, но по краткиот застој работниците продолжија на работат на градилиштето. Допрва треба да стартува санацијата на речното корито на Отиња, а градежниот зафат вклучува и обнова на постоечките мостови и изградба на пешачките патеки. Цената на целиот проект изнесува 98.365.910 денари или околу 1,6 милиони евра, а локалната самоуправа одвои уште 1,5 милиони денари за изведба на каналите во кои треба да се сместат подземните инсталации. Средствата за уредувањето на коритото на реката Отиња се обезбедија преку заем од Светска банка во висина од 2 милиони евра.

 

Покрај за овој проект, кредитната линија од меѓународната финансиска институција се искористи и за реконструкција на градскиот плоштад „Слобода“, која чинеше околу 310.000 евра. Градежните работи за санација на централниот плоштад ги изведе компанијата „Бетон“ од Штип.

 

 

» Форумска дискусија за овој проект