Здружението за хумано домување „Хабитат Македонија“ денеска потпиша Меморандум за енергетска ефикасност со локалната самоуправа од Куманово, која влегува во проектот што е предвидено да се спроведе во неколку општини во земјава. Во почетната фаза во Куманово ќе бидат опфатени четири станбени згради во кои живеат семејства со пониски примања. Планирано е да се променат старите фасади на објектите и да се имплементираат мерки за топлинска изолација кои би резултирале со намалување на потрошувачката на енергија. Од „Хабитат Македонија“ веќе реализирале пилот – проект во градот и исходот покажува дека се намалени енергетските трошоци во просек за 30 до 40 отсто. Општина Куманово ќе учествува со сопствени финансиски средства во износ 15.000 до 25.000 евра, а УСАИД им нуди кредит за граѓаните за целосно спроведување на мерките за енергетска ефикасност.
Пред неколку дена, сличен документ беше склучен и со локалните власти од Карпош, каде е предвидено до април 2014 година да се работи на подобрување на енергетската ефикасност во колективните станбени објекти, зголемување на капацитетите на станарите и заедниците на сопственици за управување и одржување на станбените објекти, поттикнување на инвестиции, претприемништво и создавање на нови работни места и подигнување на јавната свест за резиденцијалната енергетска ефикасност. „Хабитат Македонија“ планира да го оствари проектот во Карпош, Куманово, Велес, Тетово, Прилеп, Струга и Струмица, при што ќе се реконструираат неколку десетици станбени објекти кои имаат натпросечна потрошувачка на енергија, изградени се пред повеќе од 10 години и мнозинството од станарите во нив се со пониски приходи.