Претходна статија
Спомен куќата на Тодор Проески е најуспешно архитектонско дело во 2011 година
Следна статија
Едукативни содржини во Градскиот парк во Скопје

Студентскиот дом „Стив Наумов“ ќе добие нови сместувачки капацитети

Објавено на 25.12.2011 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Премиерот Никола Груевски и министерот за образование и наука Панче Кралев денеска поставија камен – темелник за новите сместувачки капацитети во рамките на студентскиот дом „Стив Наумов“ [»мапа]. Според проектот на министерството кој тежи 75 милиони денари, предвидено е во наредните 8 месеци да се изградат осум приземни објекти од цврста градба со вкупна површина од 1.895 метри квадратни, во кои ќе има трикреветни соби со тоалети, а за прв пат е предвидена изградба на шест еднокреветни соби за студентите со посебни потреби. Вкупниот број на нови студентски легла е 204. Изведувач на градежните работи е фирмата „Виа“ од Вевчани, додека за надзорот е заделжен „Хидро градежен инженеринг“ од Скопје.

 

Претходно, во периодот до 2010 година беа обновени двете машки згради во населбата, со капацитет за сместување на 1.000 студенти. Во рамките на студентскиот дом „Стив Наумов“ е планирана изградба и на четири згради за постдипломци на просторот каде што сега се сместени дел од старите бараки. Град Скопје во октомври годинава го ослободи Министерството за образование и наука од комуналии во висина од околу 8 милиони денари или 133.000 евра. Идните магистранди и докторанди ќе се сместат во објекти кои е предвидено да имаат пет ката плус поткровје и да се простираат на површина од 6.000 метри квадратни. Министерството треба допрва да распише тендер за избор на најповолен понудувач за изградба на овие објекти за постдипломците.

 

 

Бојан Блажевски