Градот Скопје ја избра компанијата „Урбан инвест“ од Кавадарци за реконструкција на фасадата на објектот „Сити галери“, лоциран на главниот скопски плоштад „Македонија“. За преслекување на ова впечатливо здание во архитектонскиот стил на проектот „Скопје 2014“ од градскиот буџет ќе се потрошат 92.625.756 денари или околу 1,5 милиони евра. На распишаниот тендер од пред неколку месеци биле поднесени девет понуди од заинтересираните градежни компании, при што онаа на „Урбан инвест“ била прогласена за најповолна. Изведувачот ќе треба целосно да ги комплетира планираните градежни активности на објектот во временски период од 12 месеци.
Идејниот проект за новата фасада на „Сити галери“ ја изготвија авторите Лазар Димов и Никола Стакинов, додека основниот проект за реконструктивниот зафат го изработи „Инком Инженеринг“ од Скопје. Авторот на оригиналното идејно решение за објектот „Сити галери“ Славко Брезовски, кој е сè уште жив, јавно се изјасни дека е изрично против промената на неговото творечко дело и дополни дека нема да даде согласност за овој потег.
Бојан Блажевски