Претходна статија
ЕБОР со 5 милиони евра ќе ја поддржи енергетската ефикасност во земјава
Следна статија
Скопската пречистителна станица за отпадни води ќе чини 120 милиони евра

Догодина ќе се довршат културните објекти започнати со изведба во изминатиов период

Објавено на 13.12.2017 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

Министерството за култура со предложениот буџет за 2018 година планира да ги доврши културните објекти што започнаа да се градат пред неколку години. По континуираното одложување на изведбата на објектот, театарот и библиотеката во Тетово со претстојниот буџет ќе добие 250 милиони денари за непречено одвивање на градежните работи. Изградбата на оваа зграда требаше да се заврши до крајот на декември 2017 година, но работите се одолговлекуваат поради недоволните средства наменети за овој проект.

 

Театарот и библиотеката во Тетово – визуелизација

 

Покрај за него, министерот за култура Роберт Алаѓозовски денеска ги образложи и останатите проекти за кои ќе се одвојат средства во текот на наредната година. Реконструкцијата и санацијата на објектот на Албанскиот театар во Скопје ќе биде поддржана со 250 милиони денари, што претставува зголемување од 150% споредбено со буџетот од 2017 година. Овој објект требаше да биде завршен до крајот на 2017 година, но и тука постои проблемот со одолговлекување на започнатите работи.

 

Со буџетот за културата во 2018 година се предвидени финансиски средства за финализирање на изградбата на Универзитетот на Св.Климент кај Плаошник. Министерот Алаѓозовски напомена дека со претстојниот проект се става крај на трошењето средства за т.н. проект „Скопје 2014“. Ќе се исплатат достасаните обврски за новиот објект на Македонска филхармонија, а во моментов со изведувачот се преговара и околу натамошната судбина на скулптуралната композиција на Мајка Тереза на скопскиот плоштад „Македонија“.

 

Наспроти сопирањето на проектот „Скопје 2014“, повеќе средства догодина се предвидени за уметниците, но и за реализација на неколку неодложни проекти. За санација на покривите и други ургентни интервенции за обезбедување на елементарни услови во културните објекти се издвоени 60 милиони денари, при што оваа сума може да се надополни со дополнителни објекти на културните установи. Наредната година ќе се инвестираат 10 милиони денари во реконструкција на Офицерскиот дом во Битола, кој во моментов се наоѓа во девастирана состојба. За изградба на Спомен обележје на Тоше Проески се предвидени 10 милиони денари од буџетот за култура во 2018 година.

 

Министерот Роберт Алаѓозовски најави намалување на средствата одвоени за капитални проекти за сметка на позначајно зголемување на средствата наменети за уметниците. Во 2018 година ќе има намалување на средствата планирани за Античкиот театар во Скупи, манастирот Трескавец, театарот во Велес, Турскиот театар во Скопје, театарот во Струмица и неколку археолошки локалитети.