Претходна статија
Предлог план за оддржлив транспорт на Град Скопје
Следна статија
Штип штеди со енергетски ефикасно улично осветлување

Архитектонско разубавување на запуштени објекти низ земјава

Објавено на 19.06.2011 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Изминатава недела во Скопје се оддржа изложбата „Подмладување“ која понуди идеи за архитектонски интервенции врз стари објекти во Скопје и на неколку локации низ Македонија. Во културниот центар „Креатив“ (поранешна ЦК) беа изложени решенијата за обновување на некогашната фабрика за сапун „Цветан Димов“ и станбениот блок Железничка колонија во Скопје, хотелот „Палас“ во Охрид, фабриката „Илинденка“ во Крушево, комплексот Кале во Кичево, средновековните кули во Кратово, традиционалните куќи во село Јанче и урбано мобилната архитектура Скопје – Велес – Битола – Гевгелија.

 

Јане Стојаноски, еден од организаторите на изложбата и автор на проектот за хотел „Палас“ Охрид, е презадоволен од самата изложба, за која смета дека понуди интервенции кои покажуваат интересни гледишта. „За повеќето од овие згради како јавност мислиме дека е потребен динамит или булдожер. Идејата е да се заживеат објектите“, вели архитектот Стојаноски.

 

Од изработените респектабилни проекти, за главниот град од особен интерес е идејата на Ана Велинова и Илина Илкоска за претворање на некогашната фабрика „Цветан Димов“ во мултимедијален уметнички центар, во чиј склоп би влегле библиотека, изложбен хол, кафетерија, работилници, повеќенаменска сала, сала за проекции, компјутерски центар, а решението предвидува и „зелен“ кров за сегашната напуштена фабрика. Архитектките Јорданка Коцева и Дана Јовановска понудија план за разубавување на познатата Зграда на железничарите, за која истите предвидуваат слободностоечки надворешни скали, повеќенаменска сала и обновување на фасадата. Авторот Јане Стојаноски се претстави со идејата за реконструкција на напуштениот охридски хотел „Палас“ во репрезентативно хотелско здание со нова конгресна сала и спа – центар.

 

На изложбата беше присутно и решението на архитектките Марија Милошевска и Весна Митаноска, кои на некогашната фабрика за јамболии „Илинденка“ од Крушево и дадоа нова функција на младински хостел. „Младинскиот хостел е на прекрасна локација. Објектот е на 20 – тина метри од музејскиот комплекс посветен на Тоше Проески“, ни изјави Весна Митаноска, една од креаторките на проектот. Младата архитектка истакнува дека индустриските објекти во странските држави често се користат како младински објекти.

 

Уникатните концепти на младите архитекти се придружени со рационално селектирани функции на напуштените објекти. Доволен показател за тоа е фактот што Кисела Вода е општина во која нема мултимедијален уметнички центар, додека Крушево, иако претставува еден од главните туристички центри во земјава, сепак нема ниту еден хостел. Функционалните потреби на околината се бравурозно склопени во архитектонска идеја, за што сите автори заслужуваат искрена пофалба.

 

Делата на Невенка Манчева, Ивана Миронска, Александар Рајчевски, Јане Стојаноски, Кристина Милеска, Соња Касапоска, Весна Митаноска, Марија Милошевска, Јорданка Коцева, Дана Јовановска, Илина Лалкова, Катерина Карага, Анита Ристова, Ана Велинова и Илина Илкоска по завршувањето на изложбата се достапни на пошироката јавност преку интернет – порталот создаден специјално за изложбата „Подмладување“.

 

###

##

 

 

Бојан Блажевски