Претходна статија
Втора рута на велосипедски патеки од проектот „Скопје велоград“
Следна статија
Приватна компанија ќе го одржува јавното осветлување во Ресен

„Скопје 2014“ ќе го проголта и објектот „Метропол“

Објавено на 16.02.2016 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Градот Скопје има сериозна намера модернизмот како архитектонски правец во главниот град да го испрати во историјата на архитектурата. На наредната седница на Советот на град Скопје ќе биде вметната и предлог – одлуката за промена на фасадата и на катноста на објектот „Метропол“ на плоштад „Македонија“ и на зградата на „Технометал“ лоцирана на улица „Македонија“. Зградата на „Технометал“ ќе добие антички столбови и разновидни скулптури на фасадата, а „барокна“ фасада е предвидена и за седиштето на банката „Шпаркасе“, нов објект изграден пред само 9 години.

 

* Објектот „Метропол“ за време на Втората светска војна

 

 

Најголем скандал во претстојната промена на фасадите во централното градско подрачје предизвикува менувањето на фасадата на објектот „Метропол“. Ова маркантно модернистичко здание од меморијата на скопјани треба да добие купола, “барокна” фасада и “антички” столбови. Градските власти го добиле проектот од сопственикот на објектот, кој бара измена на фасадата на објектот. Во согласност со постојниот ДУП „Мал Ринг“, зградата „Метропол“ има предвидена висина од 29 метри, вклучувајќи приземје, седум ката и поткровје.

 

* Објектот „Метропол“ денес

 

 

Објектот „Метропол“ под чудни околности во моментов не е под никаква заштита од Конзерваторскиот центар – Скопје, иако претставува здание изградено пред Втората светска војна. Наместо да го реставрира и да го заштити постоечкиот изглед, Градот Скопје и сопствениците на објектот се обидуваат веќе неколку години да го избришат од меморијата на скопјани. По барање на градските власти, во 2012 година авторите Лазар Димов и Никола Стакинов изработија неокласицистичка фасада за ова здание. Во годините што следуваат, се редеа нови идејни проекти за објектот, а последниот од нив лани беше вметнат на гласање пред Советот на Град Скопје.

 

* Објектот „Метропол“ под налетот на „Скопје 2014“

 

 

Објектот „Метропол“ е изграден во 1933 година, врз основа на архитектонскиот труд на Милан Злоковиќ. Во зданието биле сместени просториите на Стопанската комора. Самото здание е еден од првите примероци на модерната архитектура во главниот град, кој ги има преживеано Втората светска војна, земјотресот од 1963 година, но очигледно не и владиниот проект „Скопје 2014“.

 

 

 

Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.com.mk