Претходна статија
50.000 евра за довршување на санацијата на Костурницата во Велес
Следна статија
Најавена изградба на леарница во Пробиштип, граѓаните се противат!

Ќе се подготви техничка документација за целосна санација на домот „Гоце Делчев“

Објавено на 29.07.2015 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Министерството за образование и наука денеска објави оглас во кој бара биро што ќе изработи техничка документација за санација и адаптација на блоковите А, В и Г од студентскиот дом „Гоце Делчев“, мензата, партерното уредување и инфраструктурната мрежа. Од министерството проценуваат дека проектантските услуги ќе ги чинат два милиони денари, без вклучен ДДВ. Заинтересираните субјекти за учество на тендерот треба да ги достават своите понуди најдоцна до 18 август. Откако ќе се подготви документацијата, предвидено е да отпочне проектот за целосна санација на студентскиот дом „Гоце Делчев“. Со ребалансот на годинешниов буџет, македонската влада за оваа намена одвои дополнителни 60 милиони денари.

 

 

 

Додека се одвиваат подготвителните фази за целосна санација на објектот, на терен доцни санацијата на блокот Б. И покрај тоа што првично беше предвидено градежно – занаетчиските работи да се комплетираат за седум месеци, реконструктивниот зафат наскоро ќе навлезе во втората година од неговата реализација.

 

Во меѓувреме, порасна и вкупниот износ на финансиски средства потрошени за градежните работи. Под ставката „Регулирање на вишоци, кусоци и непредвидени работи за санација“, од Министерството за образование и наука во јуни годинава биле одвоени дополнителни 16.993.322 денари. Со тоа, вкупната цена на проектот нарасна на 93.390.697 денари (околу 1,5 милион евра). Градежните работи ги изведува вевчанската фирма „ВИА“.

 

 

Бојан Блажевски