Претходна статија
Почна реконструкцијата на улица Благоја Стефковски
Следна статија
Сончев Град падна на Уставен суд

Камен темелник за ТИРЗ Тетово

Објавено на 22.06.2010 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

ТИРЗ ТетовоВо присуство на премиерот Никола Груевски, денес во близина на тетовското село Сараќино беше поставен камен темелник за изградба на инфраструктурата на Технолошката индустриска развојна зона Тетово. Зоната се простира на 95 хектари непосредно до автопатот Скопје – Тетово и е поделена на 27 блокови на кои е предвидено подигање на објекти за производство, дистрибуција и сервисни дејности. Првата фаза од изградбата на инфраструктурата опфаќа изградба на сообраќајна инфраструктура со атмосферска канализација, како и електрична, водоводна и канализациона мрежа. За таа цел во првата фаза е предвидено да се инвестираат околу 5,5 милиони евра, средства од буџетот на Република Македонија.


Ќе се реализира главната сообраќајница со вкупна должина од над 2 километри, која воедно претставува оска на сообраќајната мрежа во зоната. Останатата сообраќајна мрежа ќе се гради етапно согласно со потребите на корисниците. Изведувач на работите е компанијата Мавровоинженеринг,  а вредноста на договорот изнесува 144 милиони денари. Водоснабдителниот систем ќе обезбеди санитарна вода, вода за технолошките процеси како и вода за противпожарна заштита. Системот се состои од два бунари, потисен цевковод, објект за третман на водата со два резервоара со капацитет од по 175 метри кубни и водоводна мрежа.  За изведба на водоводната мрежа и канализационата мрежа ќе бидат инвестирани околу 201 милион денари, а изведувач на работите е компанијата Жикол од Струмица. Снабдувањето со електрична енергија се планира да биде изведено преку изградба на напојна трафостаница во зоната во близина на водот Тетово 1 – Скопје 1, во соработка со МЕПСО и ЕВН. Надзорот при изведбата на градежните работи во ТИРЗ Тетово ќе го извршува компанијата Евро Консалтинг, со вредност на договорот од 5,1 милиони денари. Рокот за реализација на овие активности е 12 месеци.


ТИРЗ Тетово е четврта по ред технолошка индустриска развојна зона во државата. До сега се започнати двете зони близу Скопје кај Бунарџик, како и онаа во близина на Штип, а засега се планираат уште седум вакви зони – кај Прилеп, Струмица, Гевгелија, Струга, Крива Паланка, Радовиш и кај Кичево.