Студентите од домот „Гоце Делчев“ ќе почекаат уште седум месеци до реализација на ветувањето за санација на ентериерот во овој сместувачки капацитет. Министерството за образование и наука на почетокот на август го потпишала договорот за реконструкција на блокот Б од овој објект лоциран во скопско Тафталиџе, која ќе опфати санација на собите, ходниците и тоалетите. За изведувач на градежните работи е избрана вевчанската фирма „ВИА“, на која ќе и бидат исплатени финансиски средства во износ од 76.397.375 денари (околу 1,2 милиони евра). Рокот за завршување на санациониот зафат изнесува седум месеци.
Од Министерството за образование и наука неодамна најавија дека подобрувањето на условите за живеење во студентскиот дом „Гоце Делчев“ ќе се одвива во неколку фази, при што најпрво ќе се спроведе санација на блокот Б од објектот. Врз ентериерот на студентскиот дом „Гоце Делчев“ не се извршени поправки уште од пуштањето во употреба на зданието во 70 – те години на минатиот век. Внатрешните простории во моментов се наоѓаат во катастрофална состојба, додека снимки од девастираните соби во кои живеат студентите беа објавени и во дел од странските медиуми.
Студентскиот дом „Гоце Делчев“ во своите простории може да прими преку 1.200 лица, и тоа во 544 двокреветни соби, 64 еднокреветни соби за апсолвенти и 54 соби за студенти во брак. Автор на идејното решение за ова здание е пензионираниот професор Георги Константиновски.