Претходна статија
Избрано идејното решение за „Етно село Пирго“ во струмичко
Следна статија
Новиот ургентен центар во болницата „8-ми Септември“ ги подигнува стандардите на архитектурата во здравствените објекти во Македонија

Од 1 јануари ќе започне со работа регистарот на цени на недвижностите

Објавено на 07.08.2014 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Агенцијата за катастар на недвижности од 1 јануари 2015 година ќе ги стартува активностите за полнење на регистарот на цени на недвижностите во Македонија, со податоци што детално ќе ја опишуваат недвижноста. Овој проект претставува првиот чекор за масовна проценка на недвижностите во нашата земја, што ќе доведе до детален преглед на нивната вредност, како и на понудата и на побарувачката на пазарот. При склучувањето на купопродажен договор, лицето што продава ќе треба да пополни формулар со кој детално ќе ја опише недвижноста со која се тргува.

 

 

 

Државната новинска агенција МИА денеска пласираше повеќе детали околу постапката. Во самиот формулар ќе треба да се наведе дали недвижноста има приклучок за струја, вода, канализација, гас, но и да се наведе годината на градба, годината на реконструкција и материјалот на градба. Овие карактеристики ќе бидат внесени во идниот регистар на цени на недвижностите од страна на агенцијата. Истиот ќе биде јавно објавен и е предвидено да биде достапен за сите заинтересирани субјекти. Крајната придобивка од овој проект е реалното прикажување на вредноста на недвижностите во земјава.

 

Со масовната проценка на вредноста на недвижностите ќе бидат опфатени 800.000 објекти и четири милиони парцели. Катастарот најпрвин ќе собере податоци за секоја недвижност одделно, за што ќе биде ангажиран работниот кадар на оваа институција. По собирањето на податоците преку посета на објекти низ сите општини во земјава, регистарот ќе започне да се полни со добиените информации. Крајната цел е за период од две години да се оформат цените за секоја одделна недвижност. По нивната прва проценка, за секоја недвижност ќе се врши репроценка минимум еднаш годишно.

 

Овој проект се реализира во соработка со Светската банка, а искуствата од неговата реализација се црпат од Словенија. Конкретните активности на регистарот на цени на недвижности се дефинирани со измените на Законот за катастар на недвижности, кои беа усвоени во текот на минатиот месец.