Општина Центар продолжува со активностите за подобрување на енергетската ефикасност на постарите колективни станбени објекти на нејзината територија, преку реализација на проекти за санација на фасадите и вградување на нови современи прозорци и балконски врати. Во наредните четири години општината ќе финансира реконструкција на дополнителни 45 до 50 станбени згради по овој терк, при што надворешниот изглед нема драстично да се менува.
„Она што исто би сакал да го потенцирам е дека освен поставување на фасади со термичка изолација, исто така ќе биде сменета дотраената столарија, се разбира со согласност од станарите. И веројатно најбитно е што со овие нови фасади сметките за греење ќе бидат најмалку за една третина пониски“, изјави градоначалникот на општината, Андреј Жерновски, при денешното симболично обележување на почетокот на градежните работи. Објектите кои ќе бидат реконструирани во рамки на проектот се избираат по пат на конкурс, при што на првиот се избрани 13 згради, а Жерновски упати повик до сите заинтересирани куќни совети што побрзо да обезбедат согласност од станарите и да аплицираат на наредните конкурси.