После неколку години од првите најави, конечно почнува да се реализира големиот комплекс „Александрија“ во Карпош, кај спортската сала „Партизан“. Направено е испитување на тлото и моментално се оградува просторот и се рушат старите објекти. Камен темелник е најавен за 1 март, а инвеститор е „Fashion Group“.
Просторот е опфатен со деталниот урбанистички план „Реонски Центар Карпош 3, западен дел“. Предвидени се станбени згради, трговски објекти и спортско-рекреативни содржини. Во ДУП-от наместо класични парцели се зацртани „мега-парцели“ кои дозволуваат поголема слобода за моделирање на просторот. За трговските содржини е дозволено максимум 80.000 метри квадратни изградена површина и висина до венец од 22,5 метри, додека за домување е дозволено максимум 42.000 метри квадратни изградена површина и висина до венец од 60 метри.