Претходна статија
Скопски „Бетон“ ќе го гради плоштадот „Пресвета Богородица“ за 4,2 милиони евра
Следна статија
Нов трговски центар и апартмани ќе никнат карши „Бисер“ во Аеродром

Доделени првите 50 субвенционирани кредити од проектот „Купи куќа, купи стан“

Објавено на 11.05.2012 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески денеска им ги врачи субвенционираните кредити на првите 50 граѓани кои аплицираа за станбен кредит во македонските банки, во рамките на владиниот проект „Купи куќа, купи стан“. Вредноста на доделените кредити е 1.447.614 евра, а средствата кои ќе ги вложи владата во поддршка на овие граѓани изнесуваат 271.239 евра. Забележителен е значителниот интерес за првиот модел, според кој државниот буџет за прифатените барања на заинтересираните ќе обезбеди половина од месечната рата од станбениот кредит во првите пет години. За него се издвоени 242.948 евра, додека за втората мерка, која овозможува помош од 50% од учеството за кредитот, досега се насочени 28.291 евра.

 

Граѓаните забележителен интерес покажуваат за заемите кои се однесуваат на стекнување на сопственост на станбена површина. Од вкупниот број на доделени кредити, 38 се наменети за купување на стан, пет за изградба на нова куќа, три за поголем стан и четири за надградба на куќа. Триесет од кредитите се доделени за живеалишта во Скопје, на втората позиција е Битола со седум кредити, по два се одобрени за Струмица, Кочани, Македонски Брод и Куманово и по еден за Кавадарци, Демир Хисар, Кичево, Тетово и Штип.

 

Министерот Ставрески е задоволен од почетокот на владиниот проект и се надева дека доделените кредити ќе бидат позитивен пример и сигнал за другите граѓани. „Се наоѓаме на самиот почеток на проектот. Ова е долгорочен проект кој ќе трае четири години за кој имаме респонзивност од осум македонски банки, но и од општините и градежниот сектор“, истакна тој на свеченоста на доделувањето на првите одобрени барања. Во меѓувреме, рокот за аплицирање за „Купи куќа, купи стан“ продолжува до 31 мај. Граѓаните може да ги поднесуваат барањата до експозитурите на НЛБ Тутунска банка, Стопанска банка – Скопје, Стопанска банка – Битола, Охридска банка, Шпаркасе, Прокредит банка, Алфа банка и ТТК банка. Според информациите од надлежните, за сите заинтересирани лица остануваат истите услови при аплицирањето за субвенциониран заем за решавање на станбеното прашање.