По повод денот на планетата Земја, вчера во Битола беше промовиран идејниот проект за реконструкција на тамошната Зоолошка градина, која треба да започне годинава и да се одвива во наредните две години. На површина од сегашните два хектари, предвидено е да се санираат постоечките и да се изградат нови објекти (едукативен центар, 26 живеалишта за животни, ресторан, детски парк, административна зграда и видиковци). Архитектонското решение го изработи тимот од студиото „Есперанца дизајн“, а при изградбата на целиот комплекс ќе се употребуваат природни материјали, дрво, камен и тула. Живеалиштата за жителите на Зоолошката градина се разликуваат според квадратурата, висината, поставеноста на просториите, видот и големината на отворите, видот и цврстината на металните и стаклени прегради, подовите и опремата вградена во ентериерите.
Согласно замислата на проектантите, објектот ќе добие нови зони за посетителите, но притоа ќе биде задржана постоечката конфигурација на теренот и наследеното опкружување. Сегашните зелени површини ќе бидат дополнети со урбана опрема, едукативни содржини и пунктови за одмор. Животните ќе добијат простор кој ќе биде изработен во амбиент на нивното природно опкружување. Проектот е финансиран од Министерството за локална самоуправа, преку Бирото за рамномерен регионален развој, а истиот е реализиран од Центарот за развој на Пелагонискиот регион. Претстојната санација претставува досега најобемна активност за ревитализација на Зоолошката градина во Битола, која е основана во 1950 година и од тогаш не е подложена на посериозна реконструкција.
Визуелизации: