Деловните субјекти и физичките лица продолжуваат со плановите за масовна изградба на нови станбени единици во Македонија. Според податоците на Државниот завод за статистика за февруари 2013 година, предвидена е изградба на 587 нови станови со вкупна корисна површина од 48.100 метри квадратни. Во споредба со истиот месец лани, забележливо е силно зголемување од 32,8% кај бројот на планирани станови за градба и од 25,9% кај нивната корисна површина. Огромниот пораст на одобрените градежни дозволи за нови живеалишта се должни на силниот интерес за градба од инвеститорите во општините Аеродром – 120, Охрид – 97 и Кавадарци – 75 станови.
Скопскиот регион со 178 предвидени станови и понатаму предничи во однос на останатата територија на државава. Кај инвеститорите преовладува најголем интерес за изградба на двособни (210) и трисобни (186) станови. Физичките лица се здобиле со одобрение за градење на 466 нови живеалишта со корисна површина од 38.949 метри квадратни, додека деловните субјекти добиле градежни дозволи за реализација на 121 станови кои што ќе се простираат на 9.151 метри квадратни.
Во февруари годинава се издадени 219 одобренија за градење, што претставува зголемување од 25,9% во однос на февруари 2012 година. Планираната вредност на идните објекти изнесува 2.395.996.000 денари, односно 43,6% повеќе во споредба со истиот период лани. Од вкупниот број на градежни дозволи, 168 (76,7%) се наменети за високоградба, 16 (7,3%) за нискоградба и 35 (16%) за реконструкција на објекти. Од 219 објекти, на 165 (75,3%) како инвеститори се јавуваат физички лица, а на 54 објекти (24,7%) инвеститори се деловни субјекти.