Жителите на скопската населба Тафталиџе 1 повторно не му дозволија на АДСДП да почне со изградбата на нова станбена зграда во локалниот парк. Граѓаните од околните згради вчера застанаа во паркот и не дозволија багерите да почнат со копање на темелите. Тие се противат на идејата на државната компанија да гради зграда на локацијата, но и на општина Карпош која издала одобрение за градење. Жителите истакнуваат дека паркот им е единствената зелена површина во населбата и нема да дозволат на неа да никне бетон.
Директорот на АДСДП, Цветко Грозданов уште еднаш повтори дека за зградата ги имаат обезбедено сите неопходни документи. Тој вчера посочи дека е поднесена кривична пријава против непознат сторител за попречување на работите, но и дека претпријатието губи финансии поради блокадите на жителите. Од општина Карпош во неколку наврати нагласија дека урбанистичкиот план е законски и дека инвеститорот ги има сите потребни документи.
Жителите од населбата Тафталиџе 1 најавија дека ќе продолжат со отпорот против изградбата на зацртаниот станбен објект. Тие досега организираа и петиција за заштита на паркот и за менување на урбанистичката документација, која беше доставена до општина Карпош.