Претходна статија
Заврши гасификацијата на болницата „8 Септември“ во Скопје
Следна статија
800 илјади евра од УЕФА за стадионот под „Тумбе кафе“

Жителите на Центар не го сакаат „барокот“ на нивните згради

Објавено на 29.10.2014 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Станарите од петте кули во Градскиот трговски центар се кренаа против понуденото решение за реконструкција на нивните фасади од страна на Град Скопје и денеска побараа помош од градоначалникот на општина Центар. Според информациите од Општината, граѓаните не се согласуваат и не ја прифаќаат понудата на скопскиот градоначалник Коце Трајановски за да им се реконструира само предната фасада од зградите, и тоа во т.н. „барок“ стил. „Доколку сега не ни дадете согласност, а во иднина се предомислите, ние нема да може да ви гарантираме дека ќе ја реконструираме вашата фасада, бидејќи финансиските средства ќе ги пренамениме за фасадите на други објекти“ се наведува во испратеното писмо на скопскиот градоначалник до станарите на петте кули на кејот „13 Ноември“ покрај реката Вардар.

 

##

 

 

Градоначалникот на Центар, Андреј Жерновски, на средбата со граѓаните посочил дека ќе го разгледа проблемот, најавувајќи интервенција во рамките на финансиските можности на општината. За помалку од еден месец, ова е второ јавно негодување на граѓаните од центарот на Скопје за понудените решенија за промена на надворешниот изглед на нивните згради. На почетокот од октомври, со барокното фасадирање не се согласија станарите во зградата кај кафе – барот „Плеј“ и жителите од зградата кај спомен куќата на Мајка Тереза. Граѓаните бараат целосна реконструкција на фасадите на нивните објекти.

 

Идејата за „барокизација“ на петте кули во склоп на Градскиот трговски центар беше обелоденета во декември 2012 година. По првичниот неуспешен Конкурс за избор на идејно решение, Градот Скопје го избра архитектонското дело на авторот Жарко Чаушевски во текот на ноември 2013 година. Иако се работи за објект во строгиот центар на главниот град, македонските архитекти го бојкотираа распишаниот конкурс, на кој пристигнаа само два труда. Заедно со кулите покрај Вардар, Жарко Чаушевски и Филип Богатинов се јавуваат како автори и на барокното решение за реконструкција и надградба на Градскиот трговски центар.

 

 

Бојан Блажевски