Паркот на улицата „Букурешка“ во скопската населба Тафталиџе 1 наскоро ќе биде заменет со нова станбена зграда што ќе ја гради АДСДП. Оваа непријатна вест ги принуди жителите од околните објекти да се здружат за зачувување на паркот во населбата. Пред неколку дена тие го срушија ограденото градилиште, а денеска организираа и собир против идејата за изградба на станбена зграда на местото на паркот. „Да не дозволиме да продолжат да ни ги рушат спомените, како што тоа го сторија со: зградата на Мексичка (ДРВЕНИ), дворот и игралиштата на Коменски и многу други места низ населбата и општината“, посочуваат незадоволните граѓани.
Опозициската партија ДОМ вчера излезе со соопштение во кое упати критика до Општина Карпош, барајќи да се сопре бетонирањето на паркот во населбата Тафталиџе 1. „Ги потсетуваме општинските власти од Карпош дека на граѓаните им ветија дека ни педа зеленило нема да се уништи во општината! Каде е сега нивниот збор, како ќе им излезат пред очи на граѓаните“, велат од Демократската обнова на Македонија.
Како и многу пати досега, градоначалникот на општина Карпош Стевчо Јакимовски одговори со политичка конотација на прозивките. „Таа мала зграда на улица „Букурешка“ за која е издадено одобрение согласно законските прописи, не се прави за бизнис и таму нема ничии интереси, туку е интересот на државата, затоа што објектот го гради ЈП за стопанисување со станбен и деловен простор“, одговара градоначалникот Јакимовски. Тој вели дека спорниот објект во урбанистичката документација е вцртан уште со одлука на Советот на општина Карпош, кога општинското тело го раководеле, како што вели тој, најновите пријатели на Лилјана Поповска од СДСМ. Градоначалникот Стевчо Јакимовски истакнува дека детското игралиште и гаражите на оваа локација нема да се уриваат.
Граѓаните од населбата Тафталиџе 1 за наредните денови најавија нови активности во форма на собири и протести, во случај да продолжи изградбата на спорниот станбен објект.