Претходна статија
Проектот „Подземен катастар“ ќе профункционира за пет месеци
Следна статија
Основците од Вевчани ќе ја започнат наставата во ново училиште

„Жикол“ ќе го гради новиот Воспитно – поправен дом во Тетово

Објавено на 31.08.2013 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Управата за извршување на санкции при Министерството за правда ја избра градежната компанија „Жикол“ од Струмица како изведувач на градежните работи за подигање на новите објекти во комплексот на Воспитно – поправниот дом Тетово во селото Волковија, општина Брвеница. Договорот предвидува реализација на проектот во наредните 24 месеци, за што на „Жикол“ ќе и бидат исплатени 253.582.000 денари, односно над 4,1 милиони евра. На тендерската постапка што финишираше во првата половина од август учествуваа четири компании.

 

Според проектната документација, во тетовскиот затвор наскоро ќе започне да се гради административен блок со површина од 1.560 метри квадратни, одделение со засилен надзор со површина од 640 метри квадратни, отворено одделение што ќе се простира на 1.280 метри квадратни, гаражи со работилници со големина од 185 метри квадратни, котлара со резервоар за гориво, резервоар за вода, бунари со пумпна станица, безбедносна жичана ограда, игралишта и партерно уредување. Оперативата на струмички „Жикол“ треба да ја изведе и линиската инфраструктура, која вклучува: водоснабдителна, фекална, атмосферска, електроснабдителна, телекомуникациска, топловодна и сообраќајна инфраструктура. Инженерскиот кадар на компанијата треба да го изработи и геодетскиот елаборат, проектот за изведена состојба и да ги комплетира геомеханичките истражни работи.

 

Изборот на најповолен понудувач за овој проект доаѓа по еден неуспешен обид за завршување на тендерската постапка и тригодишно пролонгирање на почетокот на инвестицијата за реконструкција на македонските затвори.