Претходна статија
Странски оператори притискаат за либерализација на железничкиот транспорт
Следна статија
Ќе се реконструираат далноводи, ќе се гради приклучок за ХЕ „Св. Петка“

Зелено светло за изградба на ски-центар на Галичица (ДОПОЛНЕТО)

Објавено на 26.03.2012 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Поглед од Охрид кон Галичица во зимаВладата даде согласност за изградба на ски-центар во Националниот парк Галичица. Иницијативата на Хотелската асоцијација на Македонија (ХОТАМ) за реализација на овој проект би се остварила преку јавно-приватно партнерство. Предвидени се девет скијачки патеки во должина од 12 километри, и пет ски-лифта во должина од 4,5 километри. Покрај ова би се изградиле и два објекти од цврста градба во кои ќе има угостителски простор, админстративен простор, мала амбуланта, спални, работилници и магацини за продажба и издавање на ски-опрема. Објектите би се снабдувале со техничка вода од резервоар, а отпадните води би се собирале во септичка јама. ХОТАМ проценува дека вкупната инвестиција би изнесувала околу 2,86 милиони евра. За сместување на посетителите би се користеле сместувачките капацитети на охридското крајбрежје.

 

Целта на проектот е активирање на зимските потенцијали на Галичица и продолжување на туристичката сезона во Охрид, со што туристичките работници ќе се справат со фиксните трошоци преку зима и ќе остварат дополнителен профит. Градот воедно ќе биде ставен и на мапата на зимски центри, што ќе отвори нови перспективи за нашата најпопуларна туристичка дестинација. Сепак иницијативата наидува и на резервираност од страна на упатените, кои предупредуваат дека најпрвин треба темелно да се проучат ефектите од еден ваков проект и дека заштитата на животната средина треба да биде на прво место.

 

 

Дополнување:

(27.03.2012)

 

Владата демантира дека го прифатила барањето на ХОТАМ за изградба на ски-центар на Галичица. Според портпаролот Мартиновски, оценка на владата е дека оваа асоцијација нема капацититет за реализација на таков комплексен проект. Владата и Комитетот за туризам заеднички ја разгледувале можноста за изградба на ски-центар на Галичица и се договориле да се ангажираат стручни лица кои ќе изготват мастер план, а потоа во координација со Националниот парк „Галичица“ да се направи и студија за оценување на влијанието врз животната средина. Доколку анализите покажат дека има економска исплатливост и можност за реализација на проектот, ќе се распише меѓународен тендер.